Нема место за грижи, Македонија има реми на полувреме во Букурешт

Машката репрезентација на Македонија има реми на паузата од реванш натпреварот против Романија, 12-12, од првиот бараж за пласман на СП.

Домаќините го отворија резултатот преку Ракотеа, но набрзина возвративме преку Лазаров и Пешевски за 1-2. Романците играа брзо, но и грешеа, па Македонија на три пати ги казни грешките.

Атанасијевиќ реализираше две контри за 2-5, а тоа беа неговите први погодоци во сениорскиот дрес на Македонија на официјален натпревар. Во следниот период Јонку одбрани два пати, македонските ракометари погрешија, па Романија израмни на 6-6.

Талески го врати водството на Македонија, 6-7, а потоа ги задржавме Романците седум минути без гол, па нашите ракометари стигнаа пак до највисоките плус три, 7-10. Домаќините не се откажуваа и покрај негативата и Илие донесе реми, 11-11.

Константина доби исклучување, па Георгиевски реализираше за 11-12, но и Хумет погоди, па на пауза се замина со реми.