Тимот на Еурофарм Пелистер 2 забележа нов триумф во суперлигашкото друштво, откако славеше над Пролет со убедливи 29-32, иако на полувремето имаше само плус еден, 15-16. Битолчани ја продлабочија кризата на Пролет, кој има само една победа на последните шест меча и го доведува во опасност учеството во плеј-офот.
Гостите од Битола најчесто ја имаа предноста во првиот дел со еден или два гола разлика, а Пролет секогаш беше „тука некаде“. Во финишот на полувремето домашните за првпат поведоа со 12-11, но на пауза избраниците на Александар Јовиќ имаа предност, 15-16.
По 17-17 на стартот на второто полувреме, битолчани направија серија од четири гола по ред за 17-21. Беше и 19-23, па 21-25, но Пролет не се откажуваше од камбек. Палевскки со двата гола од пенал намали на 23-25 и го врати домашниот тим во игра на десетина минути до крајот.
Арсеновски искористи еден отпадок за 23-26, а гостите одново имаа плус три, 25-28. Пролет намали на 28-29, имаше и напад за реми, но загубија топка во напад, па Кузманоски казни за 28-30.
И по тајм-аутот на Лембанов домашните погрешија, пак беа казнети и до крајот веќе немаше дилеми околу победникот. Најдобри стрелци кај победникот беа Кузманоски со десет и Ѓорговски со шест гола, додека за Пролет, Давор Палевски постигна осум.