Вардар го дели само уште еден натпревар од заверка на првото место во групата од СЕХА-Газпром лигата сезонава, и „црвено-црните“ ќе бараат нов триумф на гостувањето во Белград кај Партизан.
Вардар во моментов е првопласиран на табелата во Б групата, пред Татран Прешов и Партизан. Со триумф, вардарци сигурно ќе бидат првопласирани.
Во првиот меѓусебен дуел сезонава на Вардар и Партизан, победи македoнскиот првак со 31-26. Сега следува реваншот, со што Вардар ќе ги заврши натпреварите во групната фаза.
Тренерот на Вардар, Владо Недановски е претпазлив за дуелот со Партизан, истканувајќи дека екипата од Белград ќе посакува да се покаже во подобро светло.
„Секако овој дуел со Партизан ќе биде поразличен меч од оној во Скопје на почетокот на месецов. Партизан е млад тим кој пред домашна публика игра добро. Ние имавме добра поддршка тука од нашите навивачи, а Партизан малку потклекна пред таа атмосфера. Во Белград сигурно нема да биде така. Сигурно ќе играат поразлично, Ниту тие ниту ние не бевме целосно подготвени тогаш, беше почеток на пролетен дел. И ние одиме на победа во Белград. Ќе ни недостасуваат Милан Лазревски и Борко Ристовски од поискусните, а од помладите во Скопје остануваат Андреј Добрковиќ и Марио Стојановски. Без ралика на противникот и теренот каде се игра Вардар секогаш ја игра својата игра надополнета со некои нови работи. Задоволсто ми е дека новите играчи се веќе целосно вклопени во новиот систем”, изјави Недановски.
Натпреварот меѓу Партизан и Вардар се игра на 28 февруари со почеток од 18:00 часот во СЦ „Вождовац“.