На дуелот на две екипи кои ќе играат во плеј-офот составот на Струга дојде до победа од 25:21 против Пролет 62. Иако и пред средбата беше познато дека и двете екипи ќе бидат во плеј-офот, сепак, ова беше дуел на кој двете екипи влегоа да се надигруваат.
Гостите допатуваа во Струга без голманите Ангелов и Кизиќ, додека домашните беа без последното засилување Вукашин Ракоција.
Од почетокот се виде дека тимот на Струга е одлучен овој дуел да го реши во своја корист и така и течеше натпреварот од првата минута. Имаше неколку минути надигрување, а постојано гостите успеваа да израмнуваат. Меѓутоа после 9:9 дојде до мал зголемување и водство од 12:10 за Струга. Сепак, на одмор одново беше нерешено, 12:12.
Она што беше пропуштено во првите 30 минути домашните го искористија во продолжение. Успеаја да надоместат и да влезат во продолжението далеку поразиграни така што се изборија за предност која ги водеше кон бодови. Имаа целосна контрола, а тимот на Пролет не успеа да се врати.
Во една таква игра до крајот немаше никаков проблем за да се обезбеди победата, па на крајот стружани се радуваа на нови три бода и триумф од 25:21.
Со оваа победа само беше потврдено 3. место и пласманот во плеј-оф, додека Пролет без разлика на резултатот останува на 2. позиција.