Поранешната македонска репрезентативка и интернационалка, Драгана Пецевска Ристова, која денеска го води ЖРК Вардар, како играч била дел од проекти како Кометал Ѓ.П. и ЖРК Вардар во времето на Сергеј Самсоненко. Клубови кои во одреден период направија бум во женскиот клупски ракомет, а потоа згаснаа.
Сега е вклучена во една системска работа со генерација која трае седум години наназад, па ја замолив да направи паралела меѓу искуствата и да каже кој модел е подобар според неа.
„Комплетно нашиот систем не е како што треба кога станува збор за клуб. Имаме примери како Барселона, Партизан, Црвена Звезда – спортски колективи кои траат со децении без разлика дали има финансии или нема. Кај нас, особено во женскиот ракомет сè е инстант и нема поента. Сè е на ура, убаво е, се прават резултати, но траат кусо и оддеднаш ги снемува. Имаме деца кои сакаат ракомет, луѓе кои сакаат да работат, го сакаме спортот, но немаме традиција да имаме барем еден клуб позади кој ќе стојат два-три спонзори и тоа да е во континуитет. Да се работи и да се вадат генерации и кога ќе има добри и кога ќе има лоши резултати. Еден Загреб со сите подеми и падови, секогаш е присутен, еден ЖРК Будуќност исто така. Кај нас веќе долго време особено во женскиот ракомет немаме никаков континиутет, и тоа што го имаме нешто македонско, квалитетно и тоа се исмева. Ајде да бидеме реални – каде да одат децата кои сакаат да тренираат, девојките кои како што растат играчки, така треба да им растат и условите. Имавме ситуација со втората екипа на ЖРК Вардар која беше база на репрезентација, Сергеј Самсоненко одлучи да ја распушти и која успеја да се снајде – добро, која не… Единствено Сара Ристовска успеја од таа екипа. Тоа е тажното кај нас, немаме ни втора, ни трета опција. Сега нешто со ваучерите живнаа работите, но факт е дека и во тоа имаме квантитет без реален квалитет.“
Во продолжение прочитајте го комплетното интервју со Ристова…