„Немаат пари ни за ‘фризура’, а победија екипа со шест пати поголем буџет”

Поранешниот ракометар и тренер од Хрватска, Јосип Шојат по долго време се појави во јавноста, откако сојузот на спортови на град Загреб му додели награда за животно дело.

Легендарниот хрватски тренер во својата играчка кариера настапуваше за само два клуба, тоа беа екипите на Сењ и Медвешчак.

Во тренерската кариера беше предводник и на хрватскиот вицепрвак Подравка, која во претходната сезона заврши на 2. позиција во шампионатот на Хрватска.

Подравка и Локомотива во последните години водат голема борба за шампионската титула, а Шојат во разговор за хрватскиот портал „Вечерњи лист“ изјави дека навива за клубот со помали финансии, односно за клубот од Загреб, во кој настапува повремената репрезентативка на Македонија, Андреа Седлоска.

,,Навивам за послабите, за ракометарките на Локомотива, кои имаат шест пати помал буџет од Подравка, а сепак успеаја да ги победат. Знаеме за условите во кои работи Локомотива, немаат ни за фрузура. Од таа скромност произлезе и спортската дрскост, а тоа е дури и малку незапирливо”, изјави Шојат за хрватскиот портал „Вечерњи лист“.

Шојат беше тренер и на клубовите Медвешчак, Замет и Целје, додека во два мандати беше предводник на женската сениорска репрезентација на Хрватска.