Хрватскиот вицепрвак Нексе со голот на Сршен ја доби драмата против Спортинг во Нашице и се израдува на победа од 32:31, во натпревар од 3. коло од Лига на Европа.
Нексе во победата против Спортинг беше предводен од Фахрудин Мелиќ. Босанскиот интернационалец постигна 11 погодоци од 13 обиди, со што беше меѓу најзаслужните за остварениот триумф.
Тимовите на Бидасоа и Мотор, кои се ривали на Еурофарм Пелистер во групата Д, одиграа интересен натпревар, а на победа се радуваше шпанскиот тим со 26:21.
Данскиот претставник во групата Ц, Скјерн, дојде до втората победа во второто по ранг европско натпреварување, откако на гостувањето во Унгарија го совлада тимот на Балатонфуреди со три гола разлика, 31:28.
Мотивираните ракометари на Балатонфуреди, кои во претходните две кола беа поразени од Грањолерс, односно Нексе, пружија одлична партија против Скјерн, но сепак, не успеаја да ги освојат првите бодови на европска сцена.
Скјерн во вториот триумф беше предводен од искусниот Еивинд Танген и младиот Јонсон Алфред, кои постигнаа по осум гола. Во поразениот табор одлична партија одигра 21-годишниот десен бек од Србија, Милан Гостовиќ, кој беше најефикасен со девет гола, додека неговиот сонародник Стеван Сретеновиќ имаше осум реализации.
Во терминот од 18:45 часот се одиграа три натпревари. Како што е веќе познато, македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер на свој терен немаше доволно сили да му се спротистави на моќниот Фуксе Берлин. Бундеслигашот рутински одигра против ,,фармацевтите” и обезбеди победа, која беше изразена со девет гола разлика, 43:34.
Екипата која што ги елиминираше Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје во квалификациските натпревари, Алпла Хард беше поразена од Грањолерс, со резултат 38:28. За клубот од Австрија денешниот пораз беше трет во низа, додека Грањолерс продолжи со победничката серија и се израдува на третиот триумф.
Францускиот Екс ан Прованс потешко од очекуваното дојде до триумф против ослабениот Ференцварош со 33:30. Клубот од Будимпешта, кој во овој натпревар настапи без организаторот на играта Мате Лекаи, во најголемиот дел од натпреварот беше во водство, но не успеа до крај да ја сочува предноста.
И на натпреварите, кои се одиграа во терминот од 20:45 часот немаше изненадувања. Победа остварија и екипите на Архус, Монпелје, Катеден, Фленсбург и Бенфика.
ЛИГА НА ЕВРОПА, 3. КОЛО
РЕЗУЛТАТИ
ГРУПА А
МОНПЕЛЈЕ – ГЕПИНГЕН 35:27 (20:13)
ТАТРАН ПРЕШОВ – КАДЕТЕН 31:37 (14:18)
БЕНФИКА – ВЕСПРЕМ ККФТ 39:35 (21:17)
ГРУПА Б
ЕКС АН ПРОВАНС – ФТЦ 33:30 (14:17)
ВАЛУР – ФЛЕНСБУРГ 29:37 (16:18)
БЕНИДОРМ – ИШТАД 26:28 (9:13)
ГРУПА Ц
БАЛАТОНФУРЕДИ – СКЈЕРН 28:31 (15:16)
ГРАЊОЛЕРС – АЛПЛА ХАРД 38:28 (18:14)
НЕКСЕ – СПОРТИНГ 32:31 (22:16)
ГРУПА Д
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ФУКСЕ БЕРЛИН 34:43 (14:22)
АГУАШ САНТАШ – АРХУС 25:34 (11:17)
БИДАСОА – МОТОР 26:21 (9:12)