Нексе Нашице и Бранко Тамше имаат 4-0 во меѓусебните двобои со најдобрите македонски екипи – Вардар и Еурофарм Пелистер.
Хрватскиот вицепрвак отсекогаш бил незгоден за сите македонски екипи. Почнувајќи уште од деновите кога во регионалната СЕХА лига играа Вардар и Металург, па до вчера кога Нексе победи среде Битола и го елиминира Еурофарм Пелистер во осминафиналето од Лигата на Европа.
И Металург и Вардар и Еурофарм Пелистер скоро секогаш биле поразени на гостувањата во Нашице, но барем на домашен терен враќале со иста мера. Од оваа сезона и таа традиција е прекината, бидејќи Нексе славеше и во Скопје и во Битола.
Вардар и Нексе се сретнаа два пати во групната фаза од регионалната СЕХА лига, а тимот предводен од Бранко Тамше победи во Скопје со 24-25, додека во Нашице беше поубедлив и славеше со 28-25.
Еурофарм Пелистер пак пред две сезони беше елиминиран од Нексе во меч од осминафиналето на СЕХА лигата, а вчера мораше да му честита на ривалот за пласманот во четвртфиналето на Лигата на Европа. Хрватскиот првак два пати славеше и против битолчани, во Нашице со 29-26 и во Битола со 21-22.