Ракометарите на хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице од неделата наутро се во Битола и се подготвуваат за реванш средбата против Еурофарм Пелистер од осминафиналето на Лигата на Европа.
Избраниците на Бранко Тамше тренираа вчера, ќе тренираат и денеска во „Боро Чурлевски“, а тренерот на Нексе во Битола донесе 19 ракометари.
Меѓу нив и средниот бек Јанко Кевиќ, искусен ракометар, кој секогаш им правел проблеми на сите македонски екипи против кои играл – Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер.
Тој се рехабилитираше од повредата на коленото, веќе играше два пати за втората екипа на Нексе и веројатно ќе биде во ростерот за мечот во Битола.
Но и Жељко Бабиќ има „ас во ракавот“. Враќањето на капитенот Јосип Периќ на терените ќе биде уште еден мотив плус за битолчани, да покажат дека се способни за уште еден европски чекор напред.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе Нашице се игра утревечер со почеток во 18:45 часот.