Амбициозниот тим на Нексе од Нашице го претстави новото засилување за следната сезона 2023/24.
Ново име во тимот на Бранко Тамше ќе биде ракометарот од Словенија, Гал Маргуч, кој со раководството на Нексе се договори на двегодишна соработка.
Словенецот настапува на позицијата десно крило и во хрватскиот вицепрвак ќе пристигне од редовите на Целје, клуб во кој се афирмираше како играч и стекна големо искуство со настапите во Лигата на шампионите.
За Маргуч преселбата во Хрватска ќе биде првиот интернационален предизвик во својата кариера. 26- годишниот ракометар ги има минато сите младински категории во Целје. Од сезона 2014/15 настапува за сениорскиот тим, со кој освои осум титули во словенечкиот шампионат и пет Куп трофеи на домашна сцена.
Новиот член на Нексе потекнува од ракометно семејство. Неговиот постар брат Гашпер Маргуч настапува во унгарскиот гигант Веспрем, додека неговиот помлад брат Мај Маргуч го носи дресот на младинскиот тим на Целје.
Нексе за следната сезона ангажираше уште неколку засилувања. Освен со Маргуч, клубот се засили и со Мануел Штрлек (Веспрем), Марко Безјак (Магдебург) и Адир Кохен (Трембле).