Вицешампионот на Хрватска, Нексе продолжува да го формира ростерот за следната сезона. Откако повторно го ангажираше Јанко Кевиќ кој се враќа во клубот тимот од Нашице ги продолжи договорите со уште тројца играчи од постоечкиот кадар.
Играчите кои ги продолжија договорите се голманот Михаил Радовановиќ, левото крило Марин Јелиниќ и десното крило Иван Вида. Радовановиќ го продолжи договорот за уште две години до 2022.
Јелиниќ по потпишувањето на договорот го истакна задоволството и нагласи дека имал и неколку понуди од странство кои ги одбил.
„Имав неколку понуди од странски клубови, но сепак одлучив да останам да играм во Нексе. Јас сум од Меткович кој е исто како и Нашице ракометен град, уживам на секој домашен натпревар. Задоволен сум и од управата на клубот“, изјави Јелиниќ.
Следниот предизвик за Нексе е дуелот со Еурофарм Пелистер во СЕХА лигата, кој е на програмата на 1 февруари во 15 часот. Нексе е домаќин на овој натпревар.