Во првите осминафинални средби од Лига на Европа, Нексе одигра храбро против Рајн Некар Левен, но во клучните моменти немаше доволно сила и забележа пораз од 27:25.
Во првото полувреме ракометарите на Нексе одлично се носеа против поискусната екипа на Рајн Некар Левен. Во првите дваесетина минути, избраниците на Бранко Тамше беа фантастични во одбраната и постојано во предност. Товарот на главните носители на играта од тимот на Нашице беше причина за мал пад на моменти, па така Рајн Некар Левен ја искористи моменталната слабост на домаќинот и со головите на Никлас и Нилсен стигна со 11:13. Сепак големата желба и мотивација беа пресудни за екипата на Нексе да замине на полувреме со предност од 14:13.
Во второто полувреме Нексе остана без Марко Мрѓеновиќ кој поради три исклучувања мораше да се пресели на трибините. Гостинската екипа од Манхајм никако не можеше да го скрши отпорот на противникот. Нексе со голови од секоја позиција го одржуваше водството и по десет минути игра во вториот дел резултатот беше 19:18. Во последните десет минути од натпреварот, Рајн Некар Левен ја искористи секоја грешка на противникот и успеа да триумфира и да замине со психолошка предност на реванш натпреварот.
Во екипата на Рајн Некар Левен најефикасен ракометар беше Џери Толбринг со шест гола. Во составот на Нексе одлична партија имаше Халил Јагањац со шест гола. Реванш натпреварот е закажан идниот вторник во Манхајм со почеток од 18:45 часот.
Данскиот претставник во Лига на европа, ГОГ Гудме славеше победа над руската ЦСКА Москва со резултат 33:31. На домашниот тим му требаше околу пет минути време да влезе во ритам и да започне со својата доминација. Отпорот на екипата од Москва во првиот дел траеше до 8. минута, а на теренот главно преку контри, ракометарите на ГОГ Гудме го контролираа резултатот до првото полувреме кое заврши со 18:15 во нивна корист.
Во второто полувреме, ГОГ Гудме создаде предност од три до четири гола разлика, па во одредени моменти домашните се опуштија. Гостите од Москва направија целосен пресврт и го израмнија резултатот на 29:29 во 55.минута. До крајот на натпреварот, ГОГ постигна уште четири гола и успеа со солидна одбрана да стигне со тешката победа, а изгледаше дека ќе биде лесно по првиот дел.
ГОГ Гудме беше предводен од Емил Јакобсен и Матијас Гидсел со по седум гола. Во екипата на ЦСКА Москва се истакна Михаил Виноградов со осум гола. Реванш натпреварот се игра во Москва идниот вторник со почеток од 18:45 часот.
Неизвесен натпревар до самиот крај одиграа Монпелје и Кадетен Шафхаузен, а крајниот исход за двете екипи беше нерешено, 27:27. Монпелје имаше предност во првиот, а Кадетен Шафхаузен во вториот дел, па така нерешениот резултат беше реален и за двете екипи. Иако гостинскиот тим имаше предност од еден гол во последните минути, Монпелје со гол во последната секунда преку Хуго Дескат стигна до изедначување на резултатот.
Најефикасен ракометар во Монпелје беше токму играчот на натпреварот, Хуго Дескат со осум голови. Во швајцарскиот шампион се истакна Јонас Шелкер со седум гола. Реванш натпреварот помеѓу двете екипи е закажан за идниот вторник со почеток од 17 часот во Шафхаузен.