Некогаш најскапиот ракометар на светот, Ален Муратовиќ, кој минатата година реши да стави крај на својата професионална кариера, во продолжението од сезоната ќе настапува за шпанскиот второлигаш, Атлетико Новас.
43-годишниот ракометар од Црна Гора со раководството на шпанскиот клуб потпиша договор до крајот на сезоната, односно до јуни. Одличната понуда од Атлетико Новас беше примамлива за искусниот Црногорец да ја прекине пензијата, која траеше само пет месеци, и повторно да се врати на ракометните терени.
Легендата на црногорскиот ракомет на почетокот на својата интернационална кариера настапуваше за Кањас и Ваљадолид. После три години во Ваљадолид следуваше трансферот на кариерата во Фленсбург за 700.000 евра што во тој момент беше најскап трансфер во ракометот.
Сепак во 2009 година заработи тешка повреда на рамото, а бундеслигашот не сакаше да губи време поради неговата повреда и реши да го раскине договорот со ракометарот од Црна Гора. Поради тоа, Муратовиќ четири сезони беше без клуб, односно имаше привремен прекин во својата кариера.
Во 2013 година реши повторно да се врати во Шпанија и по вторпат да го облече дресот на Кањас. За Кањас настапуваше до минатото лето и беше еден од најзаслужните во клубот за солидните резултати на екипата.
Муратовиќ беше дел од три репрезентации, играше за Југославија, за Србија и Црна Гора и од 2006 до 2008 година го носеше репрезентативниот дрес на Црна Гора.