Поранешната ракометарка на Металург, Кристина Лишчевиќ, која во Автокоманда ја започна својата богата интернационална кариера, денес против Турција ќе го одигра својот последен натпревар во националниот дрес на Србија.
Искусната ракометарка се наоѓа на залезот на кариерата и сосема очекувано беше да се повлече од репрезентацијата.
Лишчевиќ има 33 години и моментално го носи дресот на романскиот суперлигаш Дунареа Браила, клуб во кој настапуваат двете репрезентативки на Македонија, Јована Саздовска и Марија Штериова.
Србинката изјави дека утрешниот ден за нејзе ќе биде исполнет со многу емоции, во кои ќе се навратат сеќавањата од речиси 13-годишната репрезентативна кариера.
„Реваншот во Белград ќе ми донесе посебен набој на емоции по освоениот медал во 2013 година. Ќе биде многу тешко да се пее државната химна за последен пат. Со девојките долги години сме заедно, секогаш кога ќе се собереме тоа е посебно чувство и би сакала секоја репрезентација да ја има истата почит и дружба како што ја имаме ние во нашата репрезентација”, изјави Лишчевиќ.
Освен Лишчевиќ, од репрезентацијата на Србија ќе се повлечат и Јована Стоиљковиќ и Јелена Лавко.
Трите ракометарки најголемиот успех на репрезентативно ниво го постигнаа во 2013 година кога Србија го освои сребрениот медал на Светското првенство.
Србија вечерва, со почеток од 18:00 часот, ќе го одигра реваншот против Турција за пласман на Светското првенство 2023, кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска.
Избраничките на Урош Брегар на првиот натпревар остварија убедлива победа, триумфираа со 33:24.