Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Наталија Дерепаско, во следната сезона ќе има нов тренерски предизвик и ќе предводи руски суперлигаш, пренесува „Брз Центар“.
Дерепаско, која минатата сезона го водеше кинескиот Феникс, клуб кој играше во најквалитетното натпреварување во Русија, ќе биде новиот тренер на АГУ Адиф.
Екс репрезентативката на Украина и Словенија дресот на Кометал Ѓорче Петров го носеше од 1995 до 1997 година, потоа се пресели во Крим и во словенечкиот шампион играше 11 години.
Во Крим беше асистент, еден период стана и прв тренер на клубот, но тимот од Љубљана го презеде Драган Аџиќ, па така Дерепаско тренерската кариера ја продолжи во Русија.
Откако го презеде Феникс, ја извршуваше и селекторската функција во сениорската женска репрезентација на Кина.