Поранешната ракометарка на Вардар, Екатерина Љубјанаја нема намера да ја прекине ракометната кариера и во новата сезона ќе има нов интернационален предизвик.
Искусната ракометарка од Русија беше претставена како големо засилување во клубот од Израел, Макаби Аразим. Во редовите на израелскиот тим ќе пристигне од шпанскиот суперлигаш, Тенерифе.
Љубјанаја, која игра на позиција десно крило, во својата кариера настапуваше и за екипите на Боден, Минск, ЦСКА, Луч, Кастамону, Сомбатели и Вардар.
Во Вардар, Љубјанаја беше меѓу првите засилувања во екипата заедно со Ана Виноградова, Екатерина Костјукова, Нигина Саидова, Ина Суслина, Анастасија Светлова и Евгенија Жулкина. По една сезона во првиот тим на Вардар беше прекомандувана во вториот состав.