Бразилката Едуарда Аморим дел од одморот го помина во Црна Гора на повик на Катарина Булатовиќ откако беше оневозможена да замине во Бразил или во Македонија со сопругот.
Поранешнате ракометарка на Кометал ЃП во интервју за црногорскиот mnerukomet.me се присети на нејзините почетоци и доаѓањето во Македонија во тинејџерските денови.
„Мојата сестра Ана веќе беше во Скопје, а јас бев најдобар лев бек на младинското Светско првенство во Чешка 2005 година и ми понудија да одам на проба. Заврши сезоната во Бразил и во јануари 2006 година бев во Скопје. После еден месец ми рекоа дека сум талентирана и дека останувам. Со тоа ми се исполни ракометниот сон бидејќи ракометот во Бразил е на аматерско ниво. Од Кометал заминав во Ѓер затоа што клубот беше во проблеми спонзорите си заминаа, а имав добри настапи против унгарскиот тим па така и ме повикаа да преминам во нивниот тим“, раскажа Аморим.
Едуарда е мажена за Македонец за кој истакна дека и е голема поддршка во животот особено во тешките моменти кога беше повредена. Таа најави дека следната сезона на дресот ќе биде испишано неговото презиме во знак на признание на сопругот.
„Имам борбен дух, но сите во животот имаме некој кој ни помага во текот на кариерата. Мајка ми е едниот столб, мојот сопруг е вториот, тие се тука за мене во тешките моменти. Затоа во последната сезона ќе играм со презимето Талеска на дресот, за да му одадам признание на мојот сопруг“, рече Едуарда.
Аморим Талеска е ракометарка на Ѓер од 2009 година, досега освои многу трофеи со клубот меѓу кои пет пати беше победник во Лигата на шампионите. Со репрезентацијата на Бразил беше светска шампоионка во 2013 година.