Поранешниот шампион на Франција, Флери Луар, откако не успеа да најде нови спонзори за покривање на буџетскиот дефицит, заминува во историјата. По Ним и Мио Бигано, екипата на Флери е третиот женски клуб од Франција, кој поради финансиска криза остана без 16 вработени, меѓу нив и девет ракометарки.
Иако клубот успеа да собере 80.000 евра од дополнителни партнерства, односно спонзорства и околу 70.000 евра од локалните власти, сепак, му недостасуваа 150.000 евра, со цел да има целосна финансиска гаранција за претстојната сезона, која е неопходна и која беше задолжителна за секој клуб, па така судот во Орлеан прогласи ликвидација на поранешниот француски шампион.
Екипата на Флери веќе извесен период имаше финансиски потешкотии, а дополнително францускиот клуб влезе во криза, откако минатата сезона не успеа да обезбеди опстанок во најквалитетното натпреварување во Франција и се пресели во Втората француска лига.
Флери од 2010 година редовно учествуваше на европска сцена и во сезона 2015/16 играше и во Лигата на шампионите. Клубот на двапати во својата историја имаше дуел со клубови од Македонија. Во сезона 2011/12 ја елиминираше Гевгелија во тогашниот Челинџ Куп, додека во сезона 2013/14 беше елиминиран од Вардар во квалификациите за настап во најквалитетното европско натпреварување.
Во Флери своевремено настапуваа Марта Манге, екс ракометарката на Вардар, Александра Лакрабер, една од најдобрите ракометарки во француската репрезентација и актуелна ракометарка на Ѓер, Естел Нзе Минко, репрезентативката на Шпанија, Александрина Барбоса…