Недановски и Мишевски едногласни: Покажавме дека имаме карактер, но пеналите се лотарија

Вардар загуби на пенали од Нексе со 32-30 во четвртфиналниот натпревар од регионалната СЕХА лига и не успеа да се пласира на Ф4 во Задар.

Тренерот Владо Недановски смета дека ротацијата одново се покажа како проблем и изјави дека е тажен што Вардар не оди на завршниот турнир.

„Нексе е добар тим, против кој лани исто така два пати не победивме. Ротацијата одново се покажа како проблем, тоа е нешто што е многу потребно, особено во одбраната. За натпреварот можам да кажам дека сум тажен што нема да играме во Задар. Имавме преголема желба, ама загубивме по пеналите кои се лотарија. Сепак, среќен сум што покажавме дека имаме карактер, се вративме од четири гола негатива. Докажавме дека можеме да играме против сериозен тим кој играше на Ф4 во Лигата на Европа и е еден од петте најдобри тима на Балканот“, изјави Недановски.

Средниот бек Марко Мишевски вели дека пеналите се среќа.

„Пеналите не може да се предвидат, кој ќе има среќа ќе ги добие. Голманите се во главна улога. До пеналите имавме шанса да победиме, промашивме неколку зицери во вториот дел кои беа клучни за резултатот. Се боревме до крајот, немаме доволно ротација и тоа е голем проблем. Сепак, не се откажувавме и дадовме сè од себе“, изјави Мишевски.

За Вардар сега следува Супер Куп дуелот со Еурофарм Пелистер, пред стартот на новите предизвици во домашните конкуренции и новата сезона од СЕХА лигата.