Владо Недановски не беше на клупата на Вардар на дуелот од Супер Купот против Еурофарм Пелистер, но и покрај тоа неговата екипа славеше против битолчани со 30-26.
Тој сепак даваше совети од трибините и откри дека играчите ги испочитувале сите договори пред натпреварот.
„Бев блиску до клупата и помогнав. Имавме добра подготовка, покажавме дека сме на прав пат, работиме. Добра анализа направивме на ривалот, а играчите испочитуваа се што договоривме. Желбата беше на наша страна, но имаме простор за напредок и Вардар може да игра уште подобро“, вели Недановски.
Поголем простор за игра добија Лазаревски, Јагуриновски, Мишевски…
„Одлучивме тие да се меѓу носителите на играта во новата сезона и освоивме трофеј што многу ни значи со два конкуренти покажавме зрела игра, но пак ќе кажам има простор за напредок“, продолжи Недановски.
Тој вели дека можеби не заслужиле да победат со четири гола, но дека заслужиле да се радуваат на крајот.
„Еурофарм Пелистер има поискусни играчи од нашата екипа, сериозна екипа што ќе игра во Лигата на шампионите. Имавме добра игра, можеби не заслуживме да победиме со четири, но заслуживме да победиме и да се радуваме на крајот“, заврши Недановски.
Следен предизвик за Вардар ќе бидат натпреварите од македонската Суперлига.