Една од најдобрите ракометарки на светот и актуелна членка на ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу, на натпреварот меѓу Битингхајм и романскиот вицепрвак запиша јубилеј, односно стигна до 1.000 погодоци во ЛШ.
Репрезентативката на Романија, која со пет погодоци го предводеше ЧСМ Букурешт до победа против Битингхајм од 27:25 и директен пласман во четвртфиналето во елитното клупско натпреварување, со гол во последните секунди од дуелот против бундеслигашот стана дел од клубот „1000“.
Неагу е третата ракометарка во историјата во Лигата на шампионите кај дамите која успеа да постигне 1.000 погодоци. Екс ракометарката на Вардар и довчерашна репрезентативка на Црна Гора, Јованка Радичевиќ пред извесен период стана најдобриот стрелец на сите времиња во Лигата на шампионите.
Искусната Радичевиќ до овој момент зад своето име во Лигата на шампионите има запишано 146 погодоци, на втората позиција пред Кристина Неагу се наоѓа легендарната Анита Гербиц, која во елитното натпреварување постигна 1.016 гола.