Романскиот вицепрвак ЧСМ Букурешт пред неколку дена започна со подготовките за новата натпреварувачка сезона, во која ќе влезе со амбиции да ја врати шампионската титула во свои раце, како и да го повтори успехот во Лигата на шампионите од 2016 година, кога тимот од романската престолнина како дебитант ја освои европската титула.
Една од клучните играчи во ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу во интервју за романскиот портал „ГСП“ истакна дека нејзиниот тим располага со квалитетни играчи, а каков успех ќе направи екипата, најмногу ќе зависи од прикажаното на терен.
„Нашиот тим изгледа квалитетно, но ќе видиме како ќе играме на теренот, тоа е најважно. Сепак, борбата во Романија ќе биде помеѓу нашиот тим и Рапид Букурешт. Во секоја сезона има уште неколку тимови кои сакаат да стигнат до првото место”, изјави Неагу.
ЧСМ Букурешт последен пат на фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите играше во сезона 2017/18 кога го освои третото место. И покрај огромните вложувања во ланската сезона, поранешниот шампион на Романија беше елиминиран во четвртфиналето од Есбјерг.
„Ние сакаме да стигнеме до фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите, тоа е наша желба секоја година. Но не чека долг пат, ние ќе дадеме сѐ од себе да го направиме тоа. Одиме чекор по чекор и ќе видиме како ќе завршиме во новата сезона”, заврши Неагу.
Романскиот тим за следната сезона ангажираше неколку звучни засилувања, потпишаа Марија Судакова од ЦСКА Москва, Евелина Ериксон од Вајперс Кристијансад, трите репрезентативки на Франција – Лора Глосе, Грас Заади и Калидиату Ниакате, како и репрезентативката на Романија, Крина Пинтеа.