На 9 март Македонија ќе го дознае ривалот за мундијалскиот бараж (ФОТО)

Како што пред една седмица објави 24Ракомет, машката сениорска репрезентација на Македонија ќе игра само еден бараж за Светското првенство во Египет 2021 година. Оваа информација ја потврди Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација на состанокот одржан во Стокхолм за време на финалниот викенд од Европското првенство.

Репрезентациите што дојдоа од претквалификациите – Литванија, Романија, Турција и Израел ќе играат во првиот бараж во април со најслабите четири од ЕП – Летонија, Босна и Херцеговина, Русија и Полска. Сите останати репрезентации што играа на ЕП, а не обезбедија директно место на СП (меѓу нив и Македонија) ќе играат само во вториот бараж за Мундијалот во јуни.

Директно на СП од Европа се пласирани свескиот шампион Данска, како и најдобрите три од ЕП – Шпанија, Хрватска и Норвешка.

Првиот бараж се игра на 15/16 април и 18/19 април, а ждрепката ќе се одржи на 30 јануари. Вториот бараж во кој ќе игра Македонија ќе се игра на 5/7 јуни и 9/11 јуни, а ждрепката ќе биде на 9 март. За изгледот на шеширите ќе треба да почекаме официјална потврда од ЕХФ.