Екипите кои уште имаат шанси за да се изборат за место во плеј-офот во Супер машката лига тоа ќе можат да го направат од 29 февруари до 15 март кога е предвидено да бидат одиграни натпреварите од четирите преостанати кола од регуларниот дел од сезоната.
Сезоната ќе продолжи на 29 февруари или 1 март така што сосема јасно е дека во овој викенд ќе биде одиграно 15. коло, а на 14 и 15 март следува финишот од регуларниот дел во кој треба да заврши овој дел од шампионатот.
Плеј-офот стартува веднаш после ова односно на 21 и 22 март кога ќе биде одиграно првото коло од новата група во која ќе се најдат најдобрите четири екипи од регуларниот дел од сезоната и Вардар и Еурофарм Пелистер.
Завршницата од Купот на Македонија е предвидена за 16 и 17 мај, додека последното коло ќе биде на 27 и 28 мај. Дојде до поместување од 2-3 дена за да не се поклопи со Ф4 турнирот во Лигата на шампионите кој се игра во последниот викенд од мај.
Останува терминот за бараж за Супер лигата со второпласираниот тим од Првата лига на 16 или 17 јуни така што во моментов е познат календарот за натпреварување во вториот дел од сезоната, а во февруари ќе биде познато сè во однос на тоа како ќе течат работите кога ќе мора да се направи ждрепка за плеј-оф лигата.