Водство од плус четири во неколку наврати против светскиот првак Данска, гол во последната минута, потоа и промашување на Циндриќ од половина терен во последните секунди ги врати амбициите на Хрватска за пласман во четвртфиналето, кои беа „спласнати“ по убедливиот пораз од Египет на стартот од Мундијалот.
Победа на дуелот во Малме ќе „ги отвореше“ вратите за повеќе комбинации и пласман на првите две места во групата, кои носат пласман во четвртфинале. Вака шанси има, но стојат многу „тенко“ и тоа се поради високиот пораз во првото коло од Египет.
Како Хрватска може до четвртфинале
Хрватска од можните шест бодови има изгубено три, Египет ниту еден, а Данска еден бод. За Хрватска единствено сценарио е победи на преостанатите натпревари (Белгија – сабота и Бахреин – понеделник), а ривалите Египет и Данска да ги загубат натпреварите, што е тешко за очекување. Еден натпревар овие две селекции играат меѓусебе, а во другите се фаворити: Данска против САД и Египет против Бахреин.
Сега и деветтото место не е лошо
Пореално работите за Хрватска стојат ако Египет ја победи Данска во последното коло, а Карачиќ, Циндриќ и другарите да ги победат ривалите и Данска да слави над САД. Тогаш ќе решава вкупната гол разлика. И оваа комбинација не е во полза на Хрватска. Данска сега има + 30, а Хрватска скромни +9. Значи сега Данска е во +21 гол разлика.
Светскиот првак Данска најверојатно ќе ја наполни мрежата на САД, а Хрватска ќе чека победа на Египет против Данска, но ќе мора „билдаат“ разлика против Белгија и Бахреин.
И ова е тешко реално, но Хрватите треба да се борат, бидејќи во некои комбинации и деветтото место може да носи пласман во квалификациите за Олимписките игри, нешто што е цел и на други репрезентации – Србија, Холандија, Словенија…
Кога се споменуваат вакви комбинации секогаш на памет доаѓа ЕП 2016 година. Тогаш на Хрватска во последниот меч од главната рунда и требаше победа од најмалку 11 гола разлика против домаќинот Полска, а чудото се случи и победија со 14, 37-23. Дали и сега ќе има слична ситуација, во која гол разликата ќе решава, останува да видиме.