„На терен бевме како кокошки без глава“

Репрезентацијата на Словенија неславно го заврши настапот на Европското првенство. Словенците ги спакуваа куферите за Љубљана по катастрофалниот одигран натпревар против Црна Гора, но нивната бледа игра можеше да се забележи на првите два одиграни натпревари против Македонија, односно Данска.

Голманот на словенечката репрезентација, Урх Кастелиц, немаше проблем да упати силни критики за играта на неговите репрезентативни колеги, ниту пак за селекторот, Љубомир Врањеш.

Кастелиц не штедеше многу зборови на сметка на својата репрезентација и истакна дека е потребен рестарт во словенечкиот ракомет.

„Не го покажавме срцето на терен и тоа го реши ова првенство. Игравме под секое ниво. Кога се игра за репрезентацијата, треба да се биде целосно фокусиран, а тука некои играчи размислуваа за други работи. Црногорците покажаа дека и со мал ростер може да се дојде до добри резултати, додека на словенечкиот ракомет му треба голем рестарт. Треба да поставиме некој кој ќе им даде јасни улоги на играчите за да се знае кој е кој. Секој репрезентативец да се чувствува важен и секој да си ја знае улогата на терен. Мислам дека тогаш би било поинаку. Да кажам отворено, сега изгледавме како кокошки без глава“.

Словенија на ЕП во Дебрецин стартуваше со победа над Македонија со 27:25, додека на вториот натпревар против Данска доживеа дебекал со 11 гола разлика, 34:23. Ракометарите на Словенија во третиот натпревар беа поразени од Црна Гора со 33:32.