Денес со четири натпревари во Лигата на шампионите ќе се комплетира третото коло во најквалитетното европско натпреварување. Словенечкиот шампион Целје, кој во 2. коло направи изненадување и го совлада Кил, вечерва ќе има тешка задача против актуелниот европски првак Барселона.
Дуелот во „Палау Блауграна“ меѓу словенечкиот и каталонскиот гигант ќе биде интересен и од друг агол. Двајцата репрезентативци на Словенија, браќата Блаж и Митја Јанц вечерва за првапат ќе играат еден против друг.
Перспективниот ракометар на Словенија, Митја Јанц, кој беше избран за најдобар стрелец на Европското кадетско првенство 2021 во Хрватска, но исто така избран и за најкорисен играч на првенството (МВП), како и за најдобар среден бек во споменатото првенство, имаше само 14 години кога неговиот брат, Блаж, го напушти Целје во 2017 година и му се приклучи на Келце на тригодишен ангажман, пред да се пресели во каталонскиот гигант пред две години.
Митја посакува еден ден повторно да игра со Блаж и заедно да се радуваат на големи успеси.
„Секако дека посакувам повторно да играм заедно со мојот брат. Би било убаво да го носиме истиот дрес на клупски план. За почеток, тоа би било некаде во странство, а со тек на време, се разбира, во дресот на нашиот Целје. Јас сум многу горд на мојот брат. Тој изгради одлична кариера и претставува вистински пример за мене. Секогаш кога е најпотребно е тука за мене, ми помага со совети и можам да кажам дека сме постојано во контакт. Дефинитивно, знам дека ме очекува многу напорна работа за да тргнам по неговите стапки. Денес, секој од нас секако дека ќе се обиде да го покаже својот максимум и нема да има видлива братска љубов на теренот”, изјави Митја Јанц за официјалната страна на ЕХФ.
Десното крило Блаж Јанц се надева дека со неговиот тим ќе бидат подобри од тимот на неговиот брат.
„Ова ќе биде посебен натпревар за семејството Јанц. Првпат ќе играме еден против друг, а целото наше семејство ќе го гледа натпреварот на телевизија. Но, јас сакам да бидам подобриот и да победам. Екипата на Целје докажа дека е добар тим откако го победи Кил на домашен терен. Целје е во добра форма и во Барселона ќе пристигне без притисок за победа”, изјави Блаж Јанц за официјалната страна на ЕХФ.
Натпреварот меѓу Барселона и Целје ќе започне со почеток од 20:45 часот.