Кариерата на српскиот репрезентативен голман Дејан Милосављев почна да се движи во нагорна линија по доаѓањето во Вардар пред две и пол години.
Во Скопје дојде како наследник на Штербик, за кратко време стана миленик на навивачите, бранеше во одлична форма низ целата сезона и на крајот тоа го круниса со титула во Лигата на шампионите.
Сепак по една сезона замина во Бундес лигата и можеби се покаја на стартот, но со оглед на тоа какви партии пружа таму, сигурно не му е жал што замина во Фуксе Берлин. Пред неколку недели го продолжи договорот до 2027 година со „лисиците.
Тој во интервју за српскиот „Журнал“ се потсети на емотивните моменти во Келн и за пречекот во Скопје.
„Цело време во Келн низ главата ми минуваа слики од моето родно село Долово, од Југовиќ каде што почнав и Партизан од каде што дојдов во Вардар. На секоја средба, во најтешките моменти, само тоа ми беше во глава. Можност каква што се укажува еднаш во живот. Мислев дека ако сега ја испуштам, дека никогаш нема да ја повторам. Многу светски ракометари никогаш немале шанса да ја освојат ЛШ. Затоа сум му благодарен на Вардар што му овозможи бајката да стане реалност“, изјави Милосављев.
Вардар во 2019 година сензационално ја победи Барселона во полуфиналето, па иако сите мислеа дека ќе нема сили за Веспрем, се случи спротивното – унгарскиот гигант беше победен без поголеми проблеми.
„Во Келн воопшто не спиев, се потев како луд, па морав да менувам маици на секои половина час. По победата, мислев како некој да ме лансирал на кровот од салата. Не знаев каде сум и што да правам, дали да славам или да одам кај сопругата или да им се јавам на родителите. Дочекот во Скопје беше сензационален, такво нешто не го доживуваат ниту НБА ѕвездите. Секоја чест на луѓето во Македонија, ме третираа како ѕвезда, кога поминував на улига ме гушкаа и ми бакнуваа раце. Мајка ми секогаш кога ќе видеше нешто такво, плачеше од радост. Не и се веруваше што ми се случува“, вели популарниот Банда.
Тој сега е на подготовки со националниот тим на Србија и го очекува настапот на Европското првенство во групата со Хрватска, Франција и Украина.