Откако на вчерашните девет квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2024 немаше ниту едно изненадување, денес селекцијата на Австрија ја направи првата сензација триумфирајќи против амбициозната Романија со 36:32 (18:11).
Австрија во речиси најголемиот дел од натпреварот беше во водство и преку разиграниот Вебер лесно се справуваше против Романија, која не знаеше како да ги запре расположените домаќини.
По нерешените 6:6 во воведниот дел, следуваше серија од 4:0 на Австрија за 10:6 и од тој момент, па сѐ до крајот на натпреварот, ракометарите на Пајовиќ имаа контрола на теренот.
Најефикасен во победничката екипа беше искусниот Роберт Вебер со 12 погодоци, додека во таборот на Романија се истакна Андреј Негру со десет гола.
Селекцијата на Австрија на 16 октомври ќе игра против Фарски Острови и се очекува во тој дуел да има лесна задача и рутински да дојде до нова победа во квалификацискиот циклус.
Ракометарите на Чави Пасквал по денешниот пораз се враќаат во Романија каде на 16 октомври во Букурешт ќе ја пречекаат Украина.