Ракометарите на Охрид ја продолжија победничката низа во Суперлигата откако на домашен терен славеа триумф над Пролет со 24-19. Иако по израмнетото прво полувреме се очекуваше многу понеизвесна завршица, сепак не беше така и бодовите останаа дома.
Избраниците на Раде Стојановиќ во првото полувреме беа најчесто во предност од еден или два гола, но секогаш гостите се враќа во игра и израмнуваа. Голманите Даниловски и Ангелов имаа солидни партии во првиот дел и на пауза се замина со реми, 11-11.
Во второто полувреме Пролет вторпат поведе со гол разлика, 11-12, а по 12-13, домашните казнија неколку грешки на гостите за 15-13. Охриѓани беа во налет, Даниловски одлично бранеше, па неговите соиграчи стигнаа до највисоки плус четири, 19-15.
Пролет се бореше, но само во неколку наврати стигна до минус два и немаше сили за комплетен камбек во натпреварот. Охриѓани искусно го приведоа мечот до крајот за конечни 24-19 и девет победи на девет натпревари.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Тот со седум и Кривокапиќ со шест голови, а голманот Даниловски имаше 13 интервенции. Кај Пролет се истакна Палевски со шест погодоци.