На Мундијалот во Шпанија играа медицински сестри, професорки, директорки на училишта…

На официјалниот сајт на ИХФ беа објавени подетални информации за женската репрезентација на Порторико, која учествува на Светското првенство во Шпанија. Ракометарките на Порторико со победата над Узбекистан од 30:24 изборија пласман во главната фаза, а таму пак забележаа триумф над Казасхтан со 30:27.

Селекторот на порториканската репрезентација, Камило Естевез во разговор за ИХФ истакна дека голем дел од репрезентативките на Порторико се тотални аматерки.

„Многу од нив не се професионални ракометарки, а некои од нив работат како медицински сестри, наставници, па дури и како директорки на училишта, и така заработуваат. Само три ракометарки од репрезентацијата, Шеила Хиралдо, Џејлин Малдонадо и Сирис Гарсија, професионално се занимаваат со ракомет, играат во Шпанија“, изјави Естевез.

Репрезентацијата на Порторико во 2015 година за прв пат настапи на Светското првенство во Данска. Тогаш заврши на 20. позиција од вкупно 24 учесници. По пауза од неколку години, ракометарките на Порторико повторно се дел од најдобрите репрезентации на светот.