Некогашниот хрватски репрезентативец и поранешен стратег на Загреб, а сегашен на женскиот првак Подравка, Златан Сарачевиќ, имаше интересна порака со која им се обрати на навивачите додека трае борбата со коронавирусот.
Тој реагираше затоа што ХРС ја поништи сезоната и реши да не прогласува првак ни во машка, ни во женска конкуренција, иако кај жените се игра по друг систем, и Подравка имаше предност пред Локомотива.
„Деновиве ме прашуваат луѓето како се чувствувам. Одговорот е – никако. Се чувствувам разочарано. На прашањето дали сум лут, ги прашувам на кого? На Кинезите кои јадат лилјаци, штабот за цивилна заштита, на ЕХФ или ракометниот сојуз на Хрватска? Ја поништија цела сезона, со тоа ги поништија нашите победи, патувања и тренинзи кои ги имавме. Но, сепак има многу работи кои не можат да ни одземат, а тоа се навивачите кои беа тука за нас“, кажа хрватскиот стратег.
Подравка се пласираше во полуфиналето на ЕХФ Купот, но за жал и тие натпревари беа одложени од страна на ЕХФ.