Бидејќи ситуацијата со коронавирусот на глобално ниво започна повторно да се влошува, на следните два големи настани – Светското првенство за жени во Шпанија, како и Европското првенство во машка конкуренција кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка, ќе има строги ковид мерки од страна на домаќините.
Претседателот на ракометната Бундес лига, Уве Швенкер во интервју за германската тв „НДР“ истакна дека според информациите на ИХФ и ЕХФ, на двата големи настани ќе можат да играат само вакцинирани играчи.
„Има информации од ИХФ и ЕХФ дека на Светското првенство во Шпанија и Европското првенство во јануари ќе можат да присуствуваат само вакцинирани играчи. Истите мерки би важеле за членовите на персоналот, односно стручниот штаб на репрезентацијата. Се разбира, ова е мерка што може и ние да ја земеме во предвид за Бундес лигата“, изјави Швенкер.
Сепак за оваа информација ќе треба да се почека официјална потврда од европската и светската куќа на ракометот.
Светското првенство кај дамите започнува на 1 декември, додека од 13, па сѐ до 30 јануари следната година, Унгарија и Словачка ќе бидат домаќини на Европското машко сениорско првенство, каде што ќе игра и Македонија.