Ракометарката од Македонија, Симона Гроздановска, по вторпат беше прогласена за најдобар стрелец во швајцарскиот шампионат. На Гроздановска наградата за најдобар стрeлец за оваа сезона и беше доделена на гала вечерта, која беше организирана од страна на ракометната федерација на Швајцарија.
Освен најдобар стрелец, на гала вечерта беа избрани и најдобар тренер во машка и женска конкуренција, најдобар играч избран со гласовите од публиката, најдобри судии, најдобри играчи од странство, МВП на сезоната…
Гроздановска во сезоната што измина постигна вкупно 250 погодоци во дресот на Винтертур, додека во сезона 2020/21 беше стрелец на 167 погодоци. Десното крило од Македонија, кое во Швајцарија игра како десен бек, имаше голема улога во обезбедениот пласман на Винтертур во плеј-оф фазата од швајцарскиот шампионат.
Во машка конкуренција за најдобар стрелец беше прогласен екс ракометарот на Металург, Александар Шпенде, кој го носи дресот на Базел. Шпенде сезоната ја заврши како најдобар стрелец со 225 погодоци. МВП наградата кај мажите ја доби екс ракометарот на Вардар, Жоан Кањелас.