Само еден бод го дели Еурофарм Пелистер од освојување на шампионската титула по долги 18 години откако вечерва од Охрид се враќа со цел плен и победа од 28-25 (14-11).
Охриѓани во неколку минути од средината на првиот дел дозволија неизвесниот натпревар да се претвори во рутинска игра за битолските ракометари, а шесте голови разлика овозможија контрола над играта, самодоверба и стабилност во играта на „зелено-белите“.Токму така продолжи и вториот дел во кој пелистерци сигурно стигнаа до нови три бода кои бурно ќе бидат поздравени во ракометна Битола.
Во цврст но динамичен натпревар каде промашувањата и грешките се броеја повеќе од головите, Еурофарм Пелистер во средина на првиот дел успеа да создаде комфорна предност од три гола која ја надоградуваше до „плус шест“ во 22. минута. Голманите на двете екипи беа на висина на задачата, а разликата се создаваше или надокнадуваше во неколку минути. Неизвесноста траеше до 16. минута кога домаќинот Охрид се врати од негатива од три погодоци и го израмни резултатот на 6-6. Потоа Еурофарм Пелистер со брзи погодоци започна да ја гради разликата од „плус шест“, која не успеа комплетно да ја сочува до крај на првиот дел. Во самиот финиш Охрид ја преполови високата негатива на прифатливи 11-14. Охрид во последните триесет секунди постигна два гола, а Иван Тасески ги постави конечните 11-14 во последните секунди од првото полувреме.
Почетокот на вториот дел гостите од Битола го искористија да се вратат на стабилна разлика од пет погодоци. Охриѓани немаа фокус и прецизна рака во моментите кога се кршеше резултатот, а искуството и квалитетот, Еурофарм Пелистер го потврди со реномето на терен. Така разликата која вообичајно се движеше околу шест голови, рутински ја одржуваа до 50.минута од натпреварот. Во самиот финиш на 10 минути пред крајот на дуелот, Охрид ги направи последните напори да се врати во игра за бод(ови), дојде до негатива од два гола (22-24 53′) и ја направи завршницата возбудлива и интересна. Во последните минути од натпреварот кога се одлучуваше поделбата на бодовите, ракометарите на Охрид не останаа присебни и дозволија и покрај добрата и пожртвувана одбрана, грешките во нападот да го решат победникот. Точка на надежите за охридската публика стави Стевановиќ со својот петти гол на 10 секунди до крајот за конечни 25-28 и победа на Еурофарм Пелистер.
Цветан Кузмановски со 7 и Жарко Пешевски со 6 голови ја предводеа листата стрелци кај Еурофарм Пелистер, а Дарко Стевановиќ постигна 5. Во домашниот состав Дрогиршки имаше 5, а Цирар постигна 4 голови, ги следеа Шешиќ, Вјештица, Тасески и Рустемов со по 3 погодоци зад своето име.
Охрид во последното коло гостува кај Бутел во Скопје, а Еурофарм Пелистер на домашен терен го пречекува Тиквеш.