Во рамките на квалификацискиот циклус за Европското првенство 2022 година, машката сениорска репрезентација на Македонија го совлада актеулниот светски првак Данска со 33-29. Светскиот првак пристигна во Скопје неколку часа пред средбата и заминува со пораз, кој за Македонија значи огромен чекор кон пласман на нов континентален собир.
Новиот селектор Кирил Лазаров и стручниот штаб го вратија победничкиот дух кај македонските ракометари, а победата над актуелниот светски првак е само поттик за младите репрезентативци, за уште поголеми резултати.
Микел Хансен го отвори резултатот на овој дуел, но полетната Македонија која натпреварот го започна со Талески, Кузмановски и Велковски на бековската линија, функционираше одлично на почетокот. Токму Талески и Велковски и го овозможија првото водство на Македонија, а Манасков по пет минути од пенал ја одведе Македонија на два гола плус. Почетните пет минути беа најава за тоа како ќе се одвива продолжението на овој дуел.
Македонија беше во предност во текот на целото прво полувреме. Менуваа Данците, менуваше и клупата на Македонија. Па во 12. минута нашата репрезентација во нападот ја предводеше селекторот Лазаров и повратникот Филип Миркуловски, кои дадоа импулс за продолжението на натпреварот.
Во средина на првиот дел актуелниот светски првак успеа да го израмни резултатот на 7-7, но тоа беше сè што направија Данците во првиот дел. Одличниот македонски голман Никола Митревски беше диригент на цврстата македонска одбрана, а тоа овозможи серија за македонските ракометари која Талески ја круниса со четвртиот гол за 12-8. Разлика која се задржа до самиот крај на првите триесет минути за конечни 17-13.
Тактичката војна на клупата на двете селекции, беше во корист на Македонија. Затоа селекторот Јакобсен се обиде да го промени темпото со игра „7 на 6“, која на Данците им донела многу медали во минатото. Но ниту тоа не ги изненади македонските ракометари. Токму во тој период Македонија постигна неколку лесни погодоци од центарот на теренот на празниот дански гол, а разликата не се менуваше.
Почетокот на второто полувреме ја најави сензацијата на овој дуел. Одличниот Миркуловски командуваше со нападот на Македонија, а разликата во резултатот постојано се зголемуваше. Во средина на вториот дел Гоце Георгиевски ги постави највисоките 25-17 за Македонија.
Во последните десет минути Македонија влезе со предност од седум голови, но неколку технички грешки и индивидуалниот квалитет на Микел Хансен ја вратија Данска на негатива од почетокот на полувремето (28-24). Возбудливата завршница ја донесе Данска на три голови негатива, на само две минути до крајот но Лазаров стави точка за надежите на гостите со својот четврти гол за 33-29 на неполна минута до крај. Митревски ја забележа 13 одбрана во последниот напад за Данска па Македонија го заврши дуелот со победа од 33-29.