Во рамките од бараж натпреварите за пласман на Светското првенство 2023, Македонија ја елиминираше Чешка и обезбеди место по осми пат на Мундијалот.
Првиот дуел, кој беше одигран во Злин, заврши без победник 24:24, додека во вториот бараж меч, избраниците на Кире Лазаров со фантастичната поддршка од трибините во арената ,,Борис Трајковски” успеаја да слават против незгодната репрезентација на Чешка со 27:25.
Иако нашите ракометари имаа контрола во текот на мечот, водеа во повеќе наврати со три и четири гола разлика, сепак на крајот имаше драма. Кузмановски со голот од пенал на 13 секунди до крајот донесе победа за Македонија и пласман на СП.
Најдобри стрелци во Македонија беа Филип Кузмановски со девет и Филип Талески со шест гола, додека голманот Никола Митревски собра 13 одбрани. Кај Чесите се истакнаа Пирох и Хрстка со по пет погодоци.
За потсетување, македонската репрезентација во првиот бараж за Светското првенство ја елиминираше селекцијата на Романија, која е предводена од екс тренерот на Барселона, Чави Пасквал. Македонија во првиот натпревар од првиот бараж за место на Мундијалот ја совлада Романија со 30:22, додека на реваншот победи селекцијата на Пасквал, но само со два гола разлика, 24:22.
Македонија слави осмо учество на СП, Чешка падна во скопската драма!