НАЈ НАЈ НАЈ…ИНТЕРВЈУ: Јаковче Матлиевски – Дајте ми услови и ќе направам репрезентативци за Македонија да игра на врвни натпреварувања!

Струга со години наназад е расадник на успешни македонски ракометари и репрезентативци, а почетоците, растот и развојот на голем дел од нив е тесно поврзан со името на професорот Јаковче Матлиевски. Тој е познат по својата посветеност и истрајност како тренер во работата со младите категории, а голем дел од поранешните и актуелни репрезентативци, познати и признати наши ракометари минале низ „неговите раце“. Во последната година од Струга дојде во Скопје, односно во тимот на Голден Арт за да ја продолжи и развие својата мисија во откривањето на ракометните таленти и создавање на иднина во националниот тим.

Во ракометните кругови е познат како неуморен ентузијаст, кој може цел ден да го мине во сала и да тренира со неговите ракометарчиња (како што ги нарекува). Самиот признава дека не бил голем ракометар, професионалната кариера му траела година – две (играл на позиција пикер во РК Струга), но затоа се посветил на едукација и наука и уште за време на студиите (Факултет за физичка култура во Скопје) ја почнува својата тренерска кариера. Интересно е дека ќе ја предводи РК Струга во период кога таа ќе игра значајна улога и ќе биде есенски првак во домашната Суперлига. Ракометарите со кои бил соиграч во тимот, потоа успешно ќе ги предводи, но поради различните ставови со тогашниот претседател на клубот околу функционирањето на екипата поднесува оставка. Најголем доказ дека е голем спортски вљубеник е фактот дека паралелно со ракометот играл и кошарка за „Лихнида“ Охрид, а има работено и како тренер во женска и машка кошаркарска екипа. Една полусезона го има предводено и ФК Караорман.

Љубовта кон спортот и амбициите кои ги има ги пренесува и на своите деца, па така синот, Никола Матлиевски исто така е ракометен тренер (го предводи првиот тим на Голден Арт), а и неговата ќерката е дел од стручните лица кои работат во проектот „Ракомет за секое дете“. За себе вели дека е искрен човек, кој не трпи неправди и ја кажува вистината в лице, колку и да е болна. „Едноставно не можам да премолчам и проголтам невистини! Немам кредити кај никого“ – потенцира Јаковче Матлиевски.

По 40 години работа во ракометот и натаму има желба и волја и не чувствува заситеност. „Имам договор со Господ до 99 години“, се смее „и се додека можам ќе работам со исто темпо и елан.“ Тој зборовите ги поткрепува со дела, односно со начинот на кој го води пионерскиот тим во Голден Арт и визијата која ја има за екипата – да создаде играчи кои ќе бидат иднината на македонскиот репрезентативен ракомет.

„Целам кон тоа да направам врвни ракометари. Мојата мисија секогаш била таа – играчите кои ќе ги откријам да успејат во кариерата и да се докажат, тоа ме исполнува. Не ме интересираат финансиите. Ги сакам децата и моето знаење и искуство ми велат дека само со многу љубов, посветеност и работа, работа и работа може да создадеме врвни играчи“, потенцира уште на самиот старт професорот и продолжува: „За да се посветите на работата со младите треба да имате љубов кон децата! Треба да знам, можам и умеам за да им пренесам и да создадам љубов на децата кон ракометот. Неопходно е да постои тесна поврзаност на тренерот со децата. Јас им стојам секогаш на располагање. Кога ќе ги прашам ‘Кога ќе имаме следен тренинг?’, ако тие ми одговорат ‘Утре’, нема проблем – јас сум тука! Можеби звучи исфорсирано затоа што тоа се млади категории и за некого не е логично да се тренира секој ден, но напротив – така почнуваат успесите. Во младите категории има поголема енергија и желба за тренирање од професионалците. Тоа е се со една цел да станат големи и да постигнат врвен резултат.“

Постои ли формула за тоа како се создава голем ракометар?

„Моите методи се покажани и докажани. Всушност за мене добар тренер е оној кој е добар методичар и кој се води од трите принципи (од лесно кон тешко, од просто кон сложено и од познато кон непознато). Секое дете за кое сметам дека има предиспозиции и во кое гледам перспектива го повикувам на разговор, а потоа и на тренинзи каде со мојата работа и ангажираност се трудам да му ја пренесам желбата за ракомет и да му дадам мотив за работа. Сепак за да добиеш голем ракометар потребна е безрезервна посветеност на сите – и тренерот, и играчот, и секако родителите. Тоа е сложен процес, каде тренерот игра голема улога со поставување на правилна техника и критериуми за врвен ракометар, но мора да постои и фит-бек од играчот, и поддршка од семејството. Кога овие коцки ќе се сложат тогаш сè е можно.“

СТРУГА Е РАСАДНИК ЗАТОА ШТО РАКОМЕТОТ Е ДОСТАПЕН

Голем број на актуелни, но и поранешни македонски репрезентативци, кои и се едни од најзаслужните и за најголемите успеси во националниот тим  – Наумче и Златко Мојсовски, Ацо Јоновски, Гоце Ојлески, Велко и Никола Маркоски, Марко Нелоски, како и младите Цветан Кузманоски, Емилијан Ѓорговски… сите потекнуваат од струшката ракометна школа. Најголемиот дел од нив биле и „ученици“ на Јаковче Матлиевски. Според професорот причината за тоа е достапноста на ракометот во Струга преку отвореното игралиште на „Женската плажа“ и, секако, Струшкиот турнир.

„Голем дел од мојата работа е врзан со успесите на репрезентацијата на Македонија, каде настапувале мои играчи, кои поминале низ мои раце во РК Струга и кои направија голема играчка кариера. Нема да ги именувам затоа што дел од нив и не заслужуваат поради невниманието кое го имаат кон мене како нивен тренер. Се бројат на прсти оние репрезентативци со кои не сум имал можност да работам, а потекнуваат од Струга. Горд сум на сета моја работа, во сите клубови што сум ги водел сум имал резултати и ми претставува задоволство кога моите играчи одат напред. Причината поради која Струга е голем расадник за ракометари е што ракометот е секогаш достапен. На отвореното ракометно игралиште децата секогаш може да играат, а тоа е нешто што го нема во другите градови. Нема инфраструктура. Во другите градови децата во слободно време, на улица или на игралиште може да играат кошарка и фудбал, но за ракомет немаат терен секогаш достапен. Во Струга дополнителен импулс дава и Струшкиот турнир на кој со децении наназад се игра и гледа врвен ракомет. Учествувале европски прваци како Металопластика, Борац Бања Лука, Железничар Ниш, врвни играчи и врвни тренери и тоа секогаш било спектакл, а и денеска е така. Подостапна инфраструктура за ракомет, тоа е нешто за кое РФМ е потребно да направи стратегија.“

Пред да дојде во Голден Арт, Матлиевски бил стратег на РК Струга, потоа РК Јуниор Струга – клуб кој го формира самостојно, а кој подоцна ќе функционира под капата на КЛ7. Можевте ли да претпоставите или да замислите дека некои од Вашите ракометари ќе го достигнат тоа ниво во кариерите?

„Селекцијата ја правев со присуство на скоро на сите ракометни натпревари во училишен спорт. Паметам дека кај дел од децата одев и дома за да ги барам да тренираат ракомет. Некои од нив, особено високите играчи, сакаа да се пробаат и во кошарката, па имавме проблем и се молевме да се вратат на ракометот. Кога воочија дека можат да успејат со ракомет продолжија да тренираат и постигнаа врвни резултати и клупски и репрезентативни. По заминувањето од РК Струга видов дека нема прогрес во ракометот и направив свој клуб Јуниор Струга. Почнавме од нула и за кусо време направивме резултат, уште во првата сезона игравме на сите финални турнири во младинските првенства. Моите играчи беа прваци и во пионерска и во кадетска и во младинска конкуренција. Имав амбиции да играме во Прва лига, но бидејќи функциониравме со самофинансирање и немав сретства клубот го понудив на КЛ7 и почнуваме со соработка. Од тој подмладок беше создадена екипата која потоа играше во Првата лига и која како првак влезе во Суперлигата. Сега тие играчи се насекаде низ клубовите во Суперлигата и Прва лига, но среќен сум што основата ја имаат научено од мене.“

СО ГОЛДЕН АРТ ИМАМЕ ИСТА ВИЗИЈА – СОЗДАВАЊЕ ВРВНИ РАКОМЕТАРИ

Неполна година Јаковче Матлиевски е дел од прволигашот Голден Арт и работи во Скопје. Главниот проблем му се единствено термините за тренинг во спортските сали, додека за работата во клубот вели дека е одлична и дека имаат иста визија – создавање врвни играчи.

„Голден Арт е одличен проект и има одлични услови за работа. Стратегијата и политиката на клубот е таква што имам одврзани раце за работа и се радувам што за кусо време мојата пионерска екипа оди напред. Се надевам како ќе расте екипата, така ќе растам и јас со нив. Напредокот е видлив и верувам дека сум на вистинскиот пат да направиме резултат. Ме радува тоа што и клубот ја има истата визија – создавање на врвни ракометари.“

„Јас постојам само за моите ракометарчиња и ги повикувам – дојдете да поминете низ моите раце за да станете врвни ракометари и репрезентативци. Вистина ми е желба да работам со деца, од таму црпам енергија и ќе ми биде мило и задоволство секој мој ракометар да стане врвен играч. Но, главен проблем во Скопје ми се термините во спортските сали, не можам да се навикнам на тоа. Лазар Лечиќ многу одамна има изјавено ‘Не ме интересира политика, дајте ми сала да направам играчи’. Истото го мислам и јас и го повикувам РФМ да ми дадат услови и ќе направам повеќе репрезентативци за да може Македонија да игра на врвни натпреварувања. Генерациите од Струга кои беа костурот на онаа репрезентација, која ги донесе најголемите успеси полека изумира, а со тоа и тешко дека репрезентацијата ќе може во иднина да стигне на големите натпреварувања. Ова го зборувам со факт дека нè чекаат два тешки баражи за СП, каде ќе дојдат многу посилни екипи и Македонија да го прекине континуитетот. Верувам и морам да истакнам дека се додека не стигнат моите ракометари во А тимот, нема да имаме успех во репрезентацијата! Не само овие од Голден Арт, туку и играчи кои потекнуваат од РК Јуниор, а сега настапуваат во други екипи. Тие не треба да бидат заборавени при формирањето на селекцијата.“

ДОЦНИМЕ СО АНАЛИЗИТЕ ЗА ЕП, ЖЕЛЕЗОТО СЕ КОВА ДОДЕКА Е ЖЕШКО

Кога веќе го споменавме националниот тим, во последните неколку години работиме на подмладок и промена на генерацијата, но тоа создава проблеми. Како човек кој е посветен на младите категории го прашав професорот каде грешиме во процесот?

„Не сакам да бидам голем критичар, но ја зборувам вистината, а таа боли. Велиме дека многу години ја подмладуваме репрезентација, но тоа не е точно! Подмладувањето го направија Брестовац и Матлиевски. Играчите кои настапија на ЕП не се млади, тие имаат неколку големи натпреварувања зад себе, настапи во европските клупски купови со екипите, интернационални кариери… и товарот требаше тие да го превземат. Мојата теорија е дека нема млад и стар играч, има добар и лош! Селекторот и неговите соработници треба да направат анализа, но побрзо, затоа што железото се кова додека е жешко, а не потоа. Ние изјавуваме да почекаме, со ладни глави – помина тоа и треба да се направи анализа до каде сме и што сме. Бевме во група во која можевме да се најдеме во следната фаза. Не сакам да навлегувам во тактиката, но не може играч кој игра во Бундеслига да не биде прва постава или да добие шанса по десет минути игра.  Миркуловски требаше повеќе да игра, тој е докажан и можеше да помогне повеќе и тука одлично се вклошува и моето размислување, дека нема млад и старт, туку добар и лош, а она што го знае, има и може бекот, требаше да се искористи!“

ТРИБИНА ЗА РАБОТАТА ВО КЛУБОВИТЕ И ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Матлиевски има и одлична идеја како подобро да се откријат проблемите и да се добие реалната слика за тоа каде сме и на клупски план, но и во националниот тим.

„Мислам дека е потребно да се направи една трибина каде сите заедно, сите со добронамерни размислувања и што имаат доблест, реално да ја отсликаме работата и во клубовите, и во репрезентацијата. Во клубовите секој тренер и спонзор сака успех и најчесто се носат ракометари од странство, а нашите деца немаат простор да се искажат, односно не добиваат минутажа. Тоа е проблем. А голем играч се станува кога се игра во клубовите на силни натпревари, но и во репрезентацијата на големи натпреварувања. Исто така потребен е добар план и програма, кои од хартија ќе бидат пренесени на дело и како ќе растат играчите да расте и селекцијата. Повеќе собири и повеќе работа со играчите кои се иднина на репрезентацијата, повеќе минутажа и повеќе врвни натпревари на пријателски турнири за да се вратиме на нивото на кое сме биле. Сите што заслужуваат и се квалитет треба да бидат повикани и да им се даде шанса и тоа да се вклопи во добра репрезентација која ќе донесе добар резултат. РФМ е желна за успех, тоа го покажува со сите услови и со сета поддршка која и ја дава за репрезентацијата и не се сомневам дека што и да биде потребно ќе исполнат само за да се дојде до посакуваниот успех.“

СО КОСТУМ НА НАТПРЕВАР – ПРИНЦИПИТЕ СЕ УЧАТ ОД МАЛИ НОЗЕ

Интересен е начинот на кој Јаковче Матлиевски сака да го презентира ракометот на своите играчи и уште од мали нозе се труди да ги воведе во професионалниот начин на функционирање во спортот. Тој е можеби единствениот тренер кој екипа во пионерска конкуренција води со костум и вратоврска.

„Јас сум голем другар со моите ракометарчиња, но за време на тренинзите мојот однос е професионален. Барам редовно присуство на тренинзи, дисциплина при работа. Мојата задача не е само да ги научам да играат ракомет, туку тоа е еден воспитно – образовен процес, социјализирањето и градење како личност. Сакам да ги научам од мали нозе да се почитуваат себе си и екипата, принципите кои ги носи професионализмот, па дури и кога тоа е изразено преку гардеробата. Имав пракса во Струга, а сега таа се обидувам да ја применам и во Скопје, пред секој натпревар ги собирав децата кај мене дома и правевме анализи на натпревари. Исто така барав на натпревари да доаѓаат со бела кошула, вратоврска и палто. Нема ништо чудно, ниту смешно – едноставно е – внимавам на секој детал во процесот на воведување кон врвен ракометар.“

СО НИКОЛА ИМАМЕ РАЗЛИЧНИ ПОГЛЕДИ ЗА РАБОТАТА

Професорот заедно со неговиот син Никола работи во Голден Арт, но вели дека тие имаат различни погледи за ракометот, па поради тоа секој си ја гледа својата работа.

„Среќен сум што моите амбиции се пренесени и на моите деца како и љубовта кон спортот. Никола е успешен во својата работа и горд сум на тоа, но реално имаме различни погледи и визии. Поради тоа ниту тој се меша во мојата, ниту јас во неговата работа. Секако поддршката постои и задоволството од успесите на едниот или другиот.“