Нашата репрезентација загуби од Словенија со десет голови разлика, 31-21, во првиот дуел од главната рунда на Мундијалот.
Селекторот Данило Брестовац вели дека вината треба да се побара и кај клубовите што не им даваат шанса на македонските репрезентативци за настап.
„Постојано слушам критики амa не сакаме да си погледне во очи, сите викаат – ние немаме играчи. Како јас да земам некој што во домашното првенство, неговиот клуб го става во втор тим и зема странци? Играат во плеј-аут и пак ангажираат странци. И сега тие истите сакаат да ги земам нивните играчи во репрезентација? На крајот федерацијата е крива или јас. Мора да се грижиме за нашите играчи кои играат во домашните првенство. Ова треба да биде главна задача дали на мене или следниот селектор. Најпрост пример доаѓа од Вардар, зошто го земаат Ѓукиќ, за да го победат Фленсбург? Зошто Џомба да не е прво крило, или Јагуриновски. Мислите дека со најсилен состав ќе победувавме – нема, повторно ќе бевме поразени со три или четири разлика. Без Столе, Кире, Пешевски и Митревски ќе биде уште потешко, верувајте“, изјави Брестовац.
Уште еднаш беше потенцирано дека физичката подготвеност не е на ниво за едно големо натпреварување.
„Имаме недоволна физичка подготовка за ваков турнирски систем. Се чувствува умор, се гледаат ситни повреди, кога те боли нешто и кога си уморен не може да размислуваш како што треба и да ги носиш вистинските одлуки. Евидентно е дека повеќето играчи имаат малку средби оваа полусезона. Играме со квалитетни ривали. Се гледа кога на терен е некој што играл натпревари константно и кога ќе ротираш потоа доаѓа промената. Затоа правиме повеќе ротација. Не можеме да видиме во клубовите што ни недостасува, само вака можеме да учиме, преку пријателски, квалификации, првенства… Мора да ротираме, да ја прошириме клупата, промената ќе боли, ама… И мене ми е срам да губам по 20 разлика, ама барем се трудам да направам нешто“, заврши Брестовац.
Следниот дуел Македонија го има против Русија утре во 15:30 часот, а задутре ќе се пресметаме со Белорусија.