Најомразениот тим во Македонија од времето кога Кометал Ѓорче Петров жалеше и палеше низ Европа, Хипо, освои нова титула.
Хипо беше подобар со 2-0 во победи во финалната серија од австрискиот шампионат против тимот на Ацгерсдорф.
На првата средба Хипо беше подобар и славеше со 39-25, додека на реваншот малку потешко од очекувањата оствари минимален триумф со 29-28.
Ова е 45 титула во домашниот шампионат за Хипо, a овој тим е рекордер по број на титули по ред, вкупно 42 во машка и женска конкуренција.
Хипо освојуваше титули во Австрија од 1977 до 2018 година, пред првпат да не освои во 2019 година. Потоа не се доигра сезоната во 2020 година, па одново Хипо освојуваше титули во 2021, 2022 и 2023 година.
Првпат по 2015 година, Хипо не загуби ниту еден бод во регуларниот дел од сезоната.