Тимот на Хипо, кој на времето жареше и палеше на меѓународна сцена и кој беше еден од најголемите ривали на тогашниот Кометал ЃП, ја потврди доминацијата во Австрија со освоениот нов Куп трофеј.
Хипо во финалето од Купот на Австрија имаше противник по мерка, играше против тимот на Ват и триумфираше со шест гола разлика, 26:20. За Хипо освоениот трофеј во националниот Куп е 33-ти во својата клупска историја.
Некогашниот европски гигант од 1988 година, со исклучок на 2017, 2018 и 2020 година, го освојува трофејот на домашна сцена. За потсетување, во 2020 година не беше одржана завршницата во Купот поради ковид пандемијата.
Хипо шест пати ја освојуваше Лигата на шампионите, последниот пат ја освои во 2000 година кога во финалниот дуел го совлада Кометал ЃП.
Тимот од Виена на првиот натпревар од финалето триумфираше со убедлив резултат од 32:23, додека на реванш натпреварот, кој беше одигран во СРЦ Кале, Кометал ЃП победи со 22:20. Поради убедливата победа на првиот натпревар, ракометарките на Хипо ја освоија титулата во Лигата на шампионите.
По натпреварот, Кометал ЃП доби едногодишна суспензија од страна на ЕХФ бидејќи првиот човек на Хипо, Гунар Прокоп, беше нападнат од страна на навивачите. Пред неколку години, поранешната ракометарка на Хипо, Тања Логвин, изјави дека реванш натпреварот од финалето против Кометал ЃП наликувал на хорор филм поради лошата организација на домаќините, но, исто така, изјави дека им бил нуден поткуп за да не отпатуваат за Скопје.
Кај мажите оваа година трофејот во Купот го освои тимот на Алпла Хард, кој во Лига на Европа ги елиминираше Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје. Алпла Хард во финалето триумфираше против екипата на Фуксе со 33:27.