Ракометарите на Вардар го одиграа најлошото прво полувреме во Лигата на шампионите. Постигнаа само четири гола за 30 минути, а губат со 4:16 па практично се доведоа во невозможна мисија во второто полувреме и се на чекор од првиот пораз годинава.
Вардар имаше тешко отворање на натпреварот. Гостите влегоа во мечот поконцентрирано и одиграа поцврсто во одбраната така што успеаја да стигнат до 4:0 после нешто повеќе од пет минути игра што беше причина Писонеро рано да бара тајм-аут.
Првиот гол дојде дури на истекот од 11. минута кога Иван Чупиќ реализираше од линијата од седум метри за 1:4.
Работите не продолжија воопшто добро бидејќи во следните четири минути беа примени исто толку голови, а не беше постигнат ниту еден, па на средина од првото полувреме резултатот беше 1:8. Ова беше еден од најлошите стартови на Вардар во Лигата на шампионите со оглед на тоа што за 19 минути беше постигнат само еден гол.
Два промашени пенали, 5-6 зицери од кои повеќето над гол или во рамки на голот беа показател за голема криза во играа на актуелниот првак на Европа. Вториот гол дојде од Кристопанс дури во 20. минута кога Кил веќе имаше постигнато 11 гола.
Голови се постигнуваа премногу тешко, па можеше полека да се опишат сите. Третиот дојде во 25. Минута и беше од седум метри. Тоа беше четвртиот удар за вардарци од пенал, а вториот искористен. Овој пат Дибиров беше прецизен. Сепак, за следниот се чекаше неполна минута кога после одбрана на Кугис, Шишкарев реализираше за 4:13 во 26. минута. Не одеше ништо подобро и до крајот. Неколку нови грешки допринесоа за убедливи минус 12 разлика и 4:16 на паузата.
Погодоците за Вардар беа дело на Чупиќ, Кристопанс, Дибиров и Шишкарев, додека после првото полувреме најефикасен е Винцек со четири гола.