Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Египет, Хуан Карлос Пастор, моментално нема пронајдено клупски ангажман.
Шпанецот цели десет сезони беше предводник на ПИК Сегед и заедно со унгарскиот вицепрвак беа вистински конкуренти на Веспрем.
Искусниот шпански стратег во клубот од Унгарија пристигна во текот на 2013 година и во неговата ера ПИК Сегед освои три титули во Унгарија, еден Куп трофеј и еден трофеј во ЕХФ Купот.
ПИК Сегед во сезона 2018/19 се соочи со Вардар во четвртфиналето во Лигата на шампоните. Македонскиот тим на домашен терен триумфираше со 31:23, додека на реваншот загуби со само четири гола негатива, 29:25. Токму во сезона 2018/19 Вардар дојде до втора титула во елитата.
Пастор во интервју за клупската страна на ПИК Сегед истакна дека од „црвено-црните“ во споменатата сезона (2018/19) го доживеал најболниот пораз.
,,Го изградивме тимот чекор по чекор, тим кој може да се натпреварува против секого. Жал ми е што пандемијата не погоди во време кога можевме да направиме големи работи на меѓународна сцена. Во 2018 станавме шампиони, потоа во 2019 го освоивме Купот на Унгарија, но во дуелот од Лигата на шампионите против Вардар во Скопје имавме лоши десет минути, лош период кој не остави без учество на Ф4 турнирот во Келн. Успеавме да го надминеме тој пораз, една година подоцна ги победивме ПСЖ и Барселона, сè функционираше добро, но веќе споменатата пандемија си го направи своето. Оваа сезона извојувавме уште две големи победи во унгарскиот шампионат, но поради повреди и болести веќе немавме шанса да оствариме голем резултат во Лигата на шампионите. Да ги сумираме десетте години накратко: беше неверојатно… За сето ова време секогаш има добри и лоши моменти”, изјави Пастор.
55-годишниот Пастор во својата кариера беше предводник и на Ваљадолид, а во период од 2004 до 2008 беше селектор на машката сениорска репрезентација на Шпанија.