Специјализираниот портал за ракомет - www.24rakomet.mk традиционално го организира изборот за најдобар тим на полусезоната во домашното првенство. Во Изборот учествуваат публиката (читателите преку онлајн гласање), редакцијата на 24ракомет и новинари кои ги следат ракометните случувања во Македонија. Со собирање на сите гласови се избираше најдобриот тим од седум играчи, најдобриот тренер, дефанзивен играч, млад играч, странец... Во соработка со нашиот партнер Jamieson најдобрите добија и мали подароци...
Во изборот на идеалниот тим на полусезоната во првенството на Македонија, за најдобро десно крило беше избран искусниот репрезентативец на Македонија и член на Вардар, Гоце Георгиевски, кој покажа одлични партии во дресот на „црвено-црните“. Негови конкуренти беа Ненад Костески од Еурофарм Пелистер, Реваз Чантурија од Прилеп, Мице Шилегов од Охрид и Евгениј Темелкоски од Тиквеш.
Ракометарот на Вардар во онлајн гласањето освои скоро 28% од гласовите на читателите на 24Ракомет, но доби и високи оценки од новинарите кои ги следат ракометните случувања во Македонија и заслужено ја однесе наградата за најдобро десно крило во есенскиот дел од оваа сезона.
За Георгиевски освоената награда претставува поттик за најважните битки во плеј-офот, во кој неговиот тим влегува како главен фаворит за освојување на двете домашни титули.
„Секако дека ми значи секое признание и им се заблагодарувам на новинарите и навивачите за наградата и можам само да кажам дека и во иднина ќе го дадам својот максимум за Вардар. Секогаш се спремам за највисоките дострели и за освојување на сите титули, вели Георгиевски кој во регуларниот дел во Суперлигата постигна 44 погодоци.
Натпреварите против првата и втората екипа на Еурофарм Пелистер секогаш се проследени со многу возбудувања.
„Навистина беше интересен есенскиот дел од оваа сезона. После оној пораз од Еурофарм Пелистер 2 во Битола, моравме да се покажеме во најдобро светло против првиот тим во последниот натпревар од регуларниот дел и можам да кажам дека тие два дуели го направија уште понеизвесно нашето првенство и битката за титулата, истакнува Георгиевски.
Вардар на неколку натпревари во Суперлигата потешко од очекуваното дојде до зацртаните бодови. Постојат неколку клубови кои покажаа дека можат да му парираат на фаворитот за титулата и да го направат првенството неизвесно до самиот крај.
„Имавме потешкотии на повеќе натпревари и тоа кажува дека нашата лига е доста квалитетна, има навистина добри екипи во нашата лига. Одигравме доста неизвесни натпревари. Неизвесно беше на гостувањето во Бутел, потоа имавме големи проблеми против Струга, така што нема лесни натпревари, додаде Георгиевски.
Ракометарите на Вардар во рамки од Лигата на шампионите ја исполнија својата цел за оваа сезона, обезбедија пласман во осминафиналето во најквалитетното натпреварување, додека на домашна сцена плановите се непромените во однос на ланската сезона.
„Атакуваме на двете титули на домашна сцена како минатата сезона. Во Лигата на шампионите целта ни беше да се пласираме во првите шест екипи на табелата, тоа го остваривме, а секој успех понатаму ќе биде голем плус за нас, заврши Георгиевски.
Избраниците на Давид Дејвис в среда го играат последниот натпревар од групната фаза од Лигата на шампионите против Елверум во СЦ „Јане Сандански“.