Две големи имиња меѓу фудбалските судии – Симон Марциниак и Томаш Листкиевич, одржаа предавање на ракометните арбитри во рамките на вебинар што го организираше ЕХФ.
Меѓу темите на кои фудбалските судии одржаа предавање се говорот на телото на теренот, комуникацијата со играчите додека трае играта, комуникација меѓу арбитрите за време не мечот, почитувањето на теренот, подготовки пред мечот…
Марциниак е вториот судија во историјата на фудбалот кој судеше финале на Лигата на шампионите (Манчестер Сити – Интер) и финале на Светско првенство (Аргентина – Франција) во иста сезона.
„Јас го сакам ракометот. Скоро секоја недела ги гледам натпреварите на Висла Плоцк. Знам каков е притисокот на судиите на теренот. Мораш да изградиш добар однос со играчите. Кога е така, тие ти помагаат во донесувањето на одлуките. Се трудам да бидам фин кога е потребно, но и строг кога е потребно“, вели Марцинијак.
ЕХФ во моментов има на располагање 160 делегати и 140 судиски двојки, но и многу кои се дел од програмата „млади судии“ или се кандидати за ЕХФ значка.