Најдобрите играчи им се дома, ама Данска и Шведска ќе играат финале на СП

Репрезентациите на Данска и Шведска одиграа перфектно Светско првенство во Египет и во големото финале ќе се борат за златниот медал. Данска ќе го брани злаатниот медал од претходното првенство, а Шведска после 22 години има можност да се врати на врвот на светот.

Иако можеби пред почетокот не беа главни фаворити бидејќи на Мундијалот допатуваа многу ослабени и без најдобрите ракометари, овие две репрезентации покажаа дека во овој момент играат најдобар ракомет.

На репрезентацијата на Данска и недостасуваат осум клучни ракометари со кои може да се состави цел тим кој би бил многу конкурентен на првенството. На голманската позиција недостасува Грин, на крилните позиции Каспер и Линдберг додека на бековските ги нема Лауге, Киркелоке и Ласе Мелер. Исто така браќата Рене и Хенрик Тофт Хансен го пропуштија овој настан во Египет.

И од отсутните ракометари на Шведска може да се состави комплетен тим со врвен квалитет. Започнувајќи од голманот Апелгрен, потоа крилата Толбринг и Екберг и бековите Лукас Нилсон, Арнерсон и Ким Андерсон. Надвор од репрезентацијата на овој Мундијал се уште и Нилсон и Нилсен.

Можеме само да претпоставиме колкава доминација би можеле да имаат Шведска и Данска доколку настапеа во комплетните состави. Ова е показател дека моментално најдобар репрезентативен ракомет се игра во скандинавските земји кои и без најдобрите се во финалето на Светското првенство.