Репрезентативката на Словенија, Ана Грос од следната сезона ќе настапува за руската екипа ЦСКА Москва. Информацијата и официјално беше потврдена од рускиот клуб.
Грос моментално е дел од Брест Бретањ, но францускиот тим планира намалување на буџетот за следната сезона и дел од најплатените ракометарки ќе го напуштат францускиот шампион. Освен Грос, и Изабел Гулден ќе има нов ангажман.
Десниот бек на репрезентацијата на Словенија моментално е најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 72 голови. Таа ќе биде од огромна важност за екипата од Москва која има повисоки амбиции за следната сезона.
Грос во Брест Бретањ игра веќе три сезони. Во својата кариера настапуваше и за Мец, Турингер, Крим, Ѓер и Олимпија. За националниот дрес на Словенија има одиграно преку 119 натпревари и постигнато 577 голови.