Специјализираниот портал за ракомет - www.24rakomet.mk традиционално го организира изборот за најдобар тим на полусезоната во домашното првенство. Во гласањето за Изборот учествуваат публиката (читателите преку онлајн гласање), редакцијата на 24ракомет и новинари кои ги следат ракометните случувања во Македонија. Со собирање на сите гласови се избираше најдобриот тим од седум играчи, најдобриот тренер, дефанзивен играч, млад играч, странец... Во соработка со нашиот партнер Jamieson најдобрите добија и мали подароци.
Во изборот за идеален тим на полусезоната, за најдобар тренер беше избран Александар Јовиќ кој ја предводи екипата на Еурофарм Пелистер 2. Вториот тим од Битола реуларниот дел го заврши на третото место и секако наградата за најдобар тренер на нивниот предводник е сосема заслужена.
Секое признание е добредојдено, а особено кога пристигнува од најверните фанови, навивачите и новинарите кои го следат секој настан на екипите и ракометарите. Секако истото е мотив за уште понапорна работа во иднина.
„Ваквите признанија се огромен мотив во иднина уште постудиозно и попосветено да работам со мојата екипа Еурофам Пелистер 2. Генерално сум задоволен од прикажаното во првиот дел од сезонатата, но секогаш може уште подобро. Ни претстои уште еден натпревар за пласман на фајнал-форот од Купот на Македонија и со освојувањето на третото место во регуларниот дел мислам дека треба да бидеме задоволни“, рече Јовиќ.
Еурофарм Пелистер 2 е составен од млади домашни играчи и покрај големиот успех кој го има сезонава тие продолжуваат со нивната главна мисија, а тоа е создавање квалитетни македонски играчи.
„Нашата прва и основна цел со Еурофарм Пелистер 2 е низ добри натпревари кои ги имавме оваа година, имаме квалитетна Супер лига, да создаваме играчи кои во иднина ќе играат за првата екипа и репрезентативци на Македонија. Имаме добро конципирана екипа, спој на млади и поискусни играчи. Со посветена работа сметам дека ги заслуживме сите резултати досега што ги постигнавме. Имаме доста талентирани играчи со добар квалитет и сме на добар пат.
Во првиот дел од сезоната, Еурофарм Пелистер 2 беше единствената екипа која го совлада шампоионот Вардар, но тренерот Јовиќ смета дека освен на тој натпревар неговите избраници на уште неколку покажале одлични перформанси.
Секако, нормално е да го издвоиме натпреварот против Вардар и победата, но одигравме доста добри натпревари. Задоволен сум затоа што мојата екипа ја краси борбена игра, играме брз ракомет. Ме радува тоа што играме исто и на домаше и на гостински терен, одигравме добро со Металург кога имаше уште добра екипа, победивме таму, можам да го истканам уште и дуелот со Охрид како еден од подобрите., продолжи Јовиќ.
Тренерот е презадоволен од условите во Битола и понатаму планира да ја продолжи својата кариера остварувајќи ја мисијата на клубот.
„Јас сум пресреќен во Битола, ги имам сите можни услови од страна на управата на клубот. Градот Битола за мене е најракометен град во Македонија, ракометот полека се враќа во Битола. Нашата цел е создавање играчи и мислам дека ќе успееме кога сите талентирани млади играчи ќе сакаат да дојдат во Битола за понатамошен развој на нивната кариера. Мислам дека тогаш ќе успееме како клуб“, нагласи тренерот на Еурофарм Пелистер 2.
И во иднина клубот ќе се сконцентрира на играчи од своите помлади категории, но и секој кој сака да напредува е добредојден во Еурофарм Пелистер 2.
„Еурофарм Пелистер и првиот и втиориот тим имаат млади категории и сигурно таму има деца кои се издвојуваат, што ги следиме. Освен од нашите школи, може и други талентирани играчи од Македонија кои ќе препознаат дека Битола е вистинско средина за нив да ни се приклучат. Кога ќе се вратиме наназад многу добри играчи поминале низ школите во Битола како Лазаров, Мојсоски, Јоноски и многу други, затоа сметам дека Битола е вистинско место за создавање играчи“, заврши Јовиќ.
Резултатот од полусезоната на Еурофарм Пелистер 2 можеби е изненадувачки за сите, но секако е многу вреден за развојот на македонскиот ракомет.