Во изборот на идеалниот тим на полусезоната во првенството на Македонија, за најдобар дефанзивец беше избран ракометарот на Еурофарм Пелистер, Милорад Кукоски, кој во конкуренција со Велко Маркоски, Томче Стојаноски, Борче Соколов и Филип Арсеновски, освои најмногу гласови.
Искусниот член на македонскиот вицешампион е бедем во одбраната на „фармацевтите“, иако на почетокот на кариерата беше важна алка и во нападот на екипите каде што играше. До овој момент има заработено 12 исклучувања во оваа сезона, а последните три исклучувања ги доби во настапите од плеј-оф фазата.
За Кукоски, освоената награда е голема мотивација за наредните натпревари во остатокот од сезоната.
„Сигурен сум дека на секој играч би му значело било каква награда во кариерата. Целата моја екипа има придонес за тоа што ја добив наградата, сите до еден од моите соиграчи се заслужни за тоа, секако, дека наградата е мотивација за останатите натпревари од сезоната“, изјави Кукоски.
Кукоски смета дека новиот систем на натпреварување во шампионатот на Македонија е прифатлив за неговата екипа. Во борбата за титулата со Вардар, истакнува дека „црвено-црните“ се во мала предност. Првиот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар во плеј-офот, кој ќе се одигра утре (26 март) во СЦ „Јане Сандански“, ќе покаже која екипа е многу блиску до шампионската титула.
„Јас мислам дека е многу добро што играме уште од самиот почеток на првенството. Тоа додава дополнителни возбудувања и неизвесност до самиот крај. Што се однесува за борбата за титулата, мислам дека Вардар е во мала предност, но ние како екипа сѐ уште сме во игра за освојување на првото место“, додаде Кукоски.
Натпреварот против Вардар ќе биде вистинска проверка на силите за ракометарите на Жељко Бабиќ, кои на 29 март ќе го одиграат првиот дуел со Нексе во рамки од осминафиналето во Лига на Европа.
„Нема да имаме многу време за подготовки против Нексе, но се надевам дека ние ќе бидеме екипата која ќе продолжи во следната фаза во Лига на Европа, односно во четвртфинале. Мислам дека доколку бевме комплетни со Татабања и Ним на гости, тогаш можевме да го освоиме првото место во групата“, вели Кукоски.
Кружниот напаѓач во наредниот период би требало да донесе одлука за иднината во неговата кариера.
„Во моментов сум фокусиран на следните натпревари, но за некој период би требало да знам каде ќе продолжам наредната сезона“, заврши Кукоски.
Следни предизвици за Кукоски и Еурофарм Пелистер се дербито со Вардар во Суперлигата и мечот од осминафиналето на Лигата на Европа со Нексе Нашице.