Најдено е решение: Вардарци преку Лисабон и Истанбул, утре се враќаат во Скопје!

Поради новите ковид рестрикции и ограничувања во земјите од Европската Унија, ракометарите на Вардар наместо синоќа пред полноќ да бидат во Скопје, тие ќе се вратат дури утре.

Тие останаа да преспијат во Порто, а патуваа утринава со автобус од Порто до Лисабон. Денеска ги чека петчасовен лет од португалската метропола до Истанбул. Со оглед на тоа што денеска нема лет од Истанбул до Скопје, тие ќе се вратат дури утре околу 9:00 часот наутро.

Вардарци вчера не успеаја да заминат со авионот од Порто, откако службениците од авиокомпанијата со која требало да летаат ги информирале дека поради новите Ковид правила што се воведени во Германија доколку заминат за Франкфурт ќе мора да бидат во карантин. Дури и ако се работи за транзитирање и не се напушта аеродромската зграда.

Екипата ги имаше сите подребни документи за патување, а пред заминувањето од Португалија биле направени и ПСР тестови со цел да има не постари од 48 часа. Но, и покрај сите потребни документи од авиокомпанијата и нивните службеници на шалтерот за пријавување не добиле дозвола да се качат на авион и да заминат за Франкфурт.

Сепак вардарци по долгото и исцрпувачко патување ќе имаат шанса да се одморат поради тоа што дуелот со ПСЖ што беше закажан за 9 февруари нема да се игра, па следниот натпревар за македонскиот тим ќе биде гостувањето во Фленсбург на 11 февруари, но и овој дуел е неизвесен.